НАШИ СРЕДБИ

Театрално размислување за облеката

Во тек е самостојната изложба на костимографот Благој Мицавски, организирана во рамките на МОТ, како пресек на неговата досегашна работа на 20 претстави. - "Ме предизвикува чинот кога работите придобиваат магија, магија на колактивен чин, како што е театарот" - истакнува Мицевски

Во рамките на меѓународниот театарски фестивал "Млад отворен театар", што деновиве по седумнаесетти пат се одржува во Скопје, во Младинскиот културен центар отворена е изложба на костимографот Благој Мицевски на која се кпоставени костими од повеќе претстави, дело на овој млад театарски вљубеник. Благој Мицевски дипломираше во 1990 година на Институтот за текстил и облека во Загреб на отсекот за дизајн и оттогаш изработи костимографии за 20 претстави а за три претстави е автор и на сценографијата. Во рамките на "МОТ 92", што е во тек, ќе бидат прикажани дури пет претстави за кои костимографијата ја изработи Мицевски а на две претстави тој се јавува и како сценограф. Инаку, на изложбата се поставени костими од претставите "Централен затвор", "Подземна република", "Безбог" и дел од сценографијата за "Заморени". Благој Мицевски е присутен на безмалку сите театарски сцени во Македонија а вработен е како костимограф во Народниот театар во Битола. Отварањето на неговата прва самостојна изложба го искористивме како повод да поведеме краток разговор со него.

- За мене поголемо претставуање пред театарската јавност се костимографиите за неколкуте претстави што ќе ги видиме во рамките на МОТ, но изложбата ја доживувам како своевидно заокружување на еден циклус од мојата досегашна работа, Изложбата нуди можност низ изложените експонати да се продре и во начинот на мислење и принципите на работата. Всушношст оваа изложба го отсликува мојот сегашен однос кон костимографијата и досега освоените сознанија. Се разбира, во текот на работата во иднина тој однос ќе се менува во зависност од многу фактори, па кога ќе биде затворен еден нов, поинаков, циклус се напевам ќе се преставам одново со изложба - истакнува Мицевски. Го прашуваме Мицевски како тој го доживува податокот дека за релативно кратко време подготви дури 20 костимографии. Не ли е тоа премногу "жестоко" темпо, не постои ли опасност да почне да се повторува?

- Низ процесот на работа добивам нови идеи кои се зачетници за сценографијата за некој следен проект. Главна инспирација ми се луѓето со кои работам, кои што ме потикнуваат и поддржуваат, работејќи во различни средини се запознавам и соработувам со нови луѓе, се соочувам со нови предизвици, па, барем засега, чинам, нема опасност од повторување.

• Што беше пресудно да се определите за професијата костимограф, имајќи во предвид дека вашите квалификации нудат и други можности?

- За текстилот и облеката размислувам доста театрално и барокно и се покажа дека за реализација на таквите замисли најпогодна е работата во театар. Едновремено ме предизвикува чинот кога работите добиваат некаква магија, магија на колективен чин, како што тоа е во театарот, при подготвувањето на претстава. Притоа костимите ги доживувам како дел од еден колективен сон што во театарот го сонуваме секогаш будни.

Кога си спомнувам на детството се сеќавам дека сакав да станам сликар но на мојот избор веројатно влијаеше и средината во која се движев, главно исполнета со луѓе од театарот: актери, режисери...

• За театарската јавност беше пријатно изненадување вашето зафаќање и со сценографија. Како костимографот стана и сценограф?

- Виновник за тоа е режисерот Љупчо Георгиевски кој пред една година ме замоли за претставата "Заморени" што ја работеше во Струмица да ја подготвам и сценографијата укажувајќи ми на фактот дека е мошне добро кога еден човек што веќе живее со претставата и веќе навлегол во неа, напоредно да ги изработи и костимографијата и сценографијата. Го прифатив предизвикот, работата на некои им се допадна, а едновремено го скративме процесот на подготовка потребен за усогласување на идеите на костимографијата и сценографијата. Во меѓувреме подготвив уште неколку сценографии, а моментно работам во Турската драма при Театарот на народностите на претставата "Смртта на Питиа" со режисерот од Швајцарија Доминик Маер. Меѓутоа, јас останувам првенствено костимограф.

• Која од вашите досегашни костимографии би ја издвоиле?

- Сите ми се драги. Разбирливо, секоја што следи ми е подрага. Ги сакам костимите од претставите "Безбог" и "Централен затвор" а посебно ми се драги од претставата "Словенски Орфеј".

Г. Ристовски

фотографија: А. Ѓорѓиев


Главна странаСловенски Орфеј - позоришна драмаСловенски Орфеј - радио-драма
ХронологијаРецензијеБиблиографија, театрографија...Документи
О Орфеју у миту и уметностиЛинковиПројекат РасткоСрпско позориште и драма