Магазин "Пулс", Скопје, Македонија, 9. јули 1992.

 

Театар

Орфеј се враќа дома

Пречекувањето на публиката со вино, што на извесен начин е дел од претставата "Словенски Орфеј", работена по текст на Зоран Стефановиќ, а во режија на Горан Тренчовски, со струмичкиот театар "Антон Панов" - што деновиве премиерно беше изведена на брегот на Дојранското Езеро - всушност претставуваше чин на "откровение". Некои нови "клинци" - Тренчовски (1970) и Стефановиќ (1969) - пред да ни ја понудат сопствената вистина за Орфеј, ни ја понудија светската вистина (виното), навистина во пластични чаши, што на свој начин како да укажуваше на основниот принцип во создавањето на претставата, инаку автокарактеризирана како "обреден случај".

Обредниот (винско-пластичен) случај, во нивното толкување, добива карактер на додолски песни и игри што го следат стремежот на Орфеј "да се врати дома", но и јасна намера да се завлезе во корените на митологијата и да се понудат "нови прилози" во разоткривањето на наводната јужнословенска супериорност над античката култура.

Навистина, во режисерското видување на Тренчовски обредот во духот на новите словенски традиции се претвора во фарса, во која историјата се повторува (со што, се чини, е одбран полесниот пат), но која, воедно, е и своевидно алиби за во некои овдешни глави, се попопуларната теза дека сите јунаци на елинските митови, всушност, биле "наши луѓе". Така, на пример, со помош на "тешкото" се симнува лажниот оклоп на елинскиот идентитет на Орфеј, Аполон се открива како предводник на "Коза ностра", а Евридика, туку-речи, како ороспииче, да не говориме за тоа дека се детронизира Зевс, а, во услови на паравоени времиња, спасот се бара во турчење и во курчење.

Инаку, "Словенски Орфеј" е најамбициозниот проект на струмичкиот театар во сезоната што завршува и, како таков, секако е достоен репрезент на доблестите на оваа театарска куќа. Успешно одбраниот амбиент за премиерната изведба, брегот крај Дојранското Езеро, во близината на централната плажа и наспроти осветлените грчки села од другата страна на водата, на моменти, кога тоа беше потребно, создавше стеснат простор за игра, а напати, со ширење на сцената над и во водата, и една дополнителна назнака која идеално кореспондираше со веќе споменатата определба за фарсичност, која, пак, очигледно, "му лежи" на режисерскиот ракопис на Горан Тренчовски.

Кон ваквата режисерска замисла инклинираа и извонредно направените маски [Драгомир Николиќ], како и шареноликите (дали карневалски) костими, атрактивните ефекти и "дизајнираната" актерска игра, што во себе вклучуваше акробатика, модерна музика и други средства. Посебно богатство за претставата, се чини, беше извонредната музика на Христо Бојаџиев. Сценографијата, патем, беше дело на Марјан Пецев, а костимите на Благој Мицевски.

Главните улоги во претставата како гости ги толкуваа Трајче Георгиевски, наместа со потсилена анемичност и спонтана наивност како нужна деструкција на познатиот естраден уметник Орфејчо, Владо Јоваковски, со доследноста во поставените задачи, и Марија Ѓурчева, којашто добар дел од доверената и улога ја градеше врз основа на сопствениот шарм. Свој придонес, што заслужува да биде одбележан, дадоа и актерите на струмичкиот театар: Кирил Здравевски, Бранко Бенинов, Тинче Ристеска, Валентина Митрова, Весна Таковска и Ленче Василева.

[Гоце Ристоски]


Главна странаСловенски Орфеј - позоришна драмаСловенски Орфеј - радио-драма
ХронологијаРецензијеБиблиографија, театрографија...Документи
О Орфеју у миту и уметностиЛинковиПројекат РасткоСрпско позориште и драма