"Нова Македонија", Скопје, 7. јули 1992.

 

"ДОЈРАНСКИ РАКУВАЊА 92"

Оригинален "Словенски Орфеј"

Прeмиерната претстава на Струмичкиот народен театар, по текст на Зоран Стефановиќ и во режија на Горан Тренчовски - необично доживување за бројната публика крај Дојранското езеро

Дојран, 6. јули

"Дојранските ракувања" ја збогатија својата содржина, но и културната понуда со една оригинална претстава, што Народниот театар "Антон Панов" од Струмица, премиерно ја изведе крај брегот на Дојранското езеро. По втор пат на "Дојранските ракувања", во изминатите 16 години, подготвена е една премиерна драмска претстава, и тоа, повторно од Струмичкиот театар, но, овој пат, со еден нов и оригинален сценски настап. Претставата "Словенски Орфеј", изведена на сцената поставена над езерските води и следена од крајбрежјето, претставува младешко видуване на античкиот театар и сегашноста обременета со бројни противречности, бидејќи сите учесници, почнувајќи од авторот, актерите, па, се до режисерот, не ја поминале четвртата деценија од животот.

Но, затоа пак, бројната дојранска публика имаше необично доживување предизвикано од новиот театарски тренд што го нуди претставата "Словенски Орфеј" и младиот режисер Горан Тренчовски. Текстот на младиот автор Зоран Стефановиќ од Белград за трагедијата на Орфеј, разложена преку призмата на Словените и актуелните противречности, почнувајќи од човековите слабости и пороци, па се до актуелните судири и војни, претставува доволна инспирација режисерот античкиот театар да го смести во овие балкански простори.

Наспроти комплексноста на претставата тој успеа да оствари непосредна комуникација со публиката, благодарејќи на функционалната сценографија на Марјан Пецев, раскошните костими на Благоја Мицевски и мистичната музика на Христо Бојаџиев и пред се, актерската тројка - Трајче Ѓоргиев, како Орфеј, Владо Јовановски како Дионис и Марија Ѓурчева како Евридика, која ја предводеше успешната струмичка глумачка дружина.

Премиерната изведба на "Дојранските ракувања" претставуваше значајно освежување на оваа културна манифестација. Секако и почеток на една значајна соработка меѓу Народниот театар в Струмица и дојранската културна манифестација од која треба да се очекува нови успешни плодови. Единствено, при вакви проекти на природни сцени мора да се води поголема сметка за публиката, бидејќи просторот за гледалиштето на претставата "Словенски Орфеј" беше ограничен и не можеше да ги прими сите заинтересирани.

К. Јанишлиев

 


Главна странаСловенски Орфеј - позоришна драмаСловенски Орфеј - радио-драма
ХронологијаРецензијеБиблиографија, театрографија...Документи
О Орфеју у миту и уметностиЛинковиПројекат РасткоСрпско позориште и драма