Софија Тренчовска

Заокружен е деветтиот годишник од Проектот Растко - Македонија (IX/2015)

Почитувани читатели,

Пред точно девет години ја обелоденивме идејата за потребата од креирање на еден македонски виртуелен културен простор што ќе ја отсликува македонската културна сцена пловејќи низ страниците на минатото и денешнината. Кога ќе погледнеме наназад, благодарение на соработката од страна на авторите и нивните следбеници, навистина сме имале девет плодни години. Богатството од електронски книжевни изданија не прави горди, што најпрвин сме успеале да ги обединиме авторите во една македонска книжевна ризница и сме отвориле пат македонскиот пишан збор да живее и безгранично да се промовира меѓу читателите насекаде во светот. Преку објавувањето на бројни книжевни писанија од повеќе културни области сме обезбедиле децениски пат кон создавање на една форма на вечност за творештвото на македонските творци.

Деветгодишнината од нашето постоење во интернет сферата ја одбележуваме со поставување на тематското творештво на современиот македонски поет Иван Василевски (1947-2015), кој неодамна, пред да го напушти земниот свет, ни го довери остатокот од неговото извонредно творештво, кое досега во ваков интегрален облик не беше застапено на страниците на „Проектот Растко - Македонија“.

Ексклузивно, покрај претходно објавените поеми „Петнаесетте“ и „Азбукословецот“, сега ги објавуваме и осумте електронски книги „Црнорисци“, „Александар“, „Кула во сонот“, „Манастир во зборот“, „Привев во тишината“, „Утки - Заточени души“, „Потомците на Чрт“ и „Куќа на ѕвездите“, како најдобар начин неговите заветни зборови вечно да циркулираат и вечно да се реинкарнираат преку восприемањето од страна на читателите.

Духот на ова извонредно творештво на Василевски натопено со емоции е плод на одекнувањето на мудроста на креативната тишина која преку сонот за ослободувањето на зборот, низ кој струи духот, си изгради куќа близу до ѕвездите.

И понатаму, драги читатели, ќе ви истураме грст ѕвездени изненадувања за да не останеме жедни за слово, оти таква животворна вода имаме уште многу, сè со една цел никогаш да не згасне огнот на словото.

Во овој циклус на електронски објави, предочуваме и ексклузивни текстови од проф. д-р Кристина Николовска (за поетиките на Ацо Шопов, Анте Поповски и Гане Тодоровски), како и текст од м-р Атанас Чупоски за Тарковски, уметноста и духовноста.

Исто така, објавуваме и афоризми од Костадин Устапетров, Ѓорѓи Панов, како и избор од поетското творештво на младите Елена Пренџова и Виктор Јакимовски.

Да се стопиме во зборовите на светлината, радоста и иднината!

На Растку објављено: 2015-12-11
Датум последње измене: 2015-12-11 19:47:05
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија